Основното јавно обвинителство Скопје изврши увид на лице место заедно со увидна екипа од крим техника во менувачницата во Кисела Вода каде попладнево при обид за разбојништво две лица беа лишени од живот. Надлежниот јавен обвинител издаде Наредба за обдукција на починатите и за вештачење на прибраниот доказен материјал. Обезбедени се траги од лице место, како и видео надзорот од менувачницата. Идентитетот на едно од починатите лица е утврден. Во моментов се преземат дејствија за идентификација на второто починато лице.
Настанот се случи попладнево околу 16.30 минути, кога две вооружени лица сториле обид за разбојништво во менувачница. При тоа, од страна на сопственикот на менувачницата било употребено огнено оружје и двете лица се лишени од живот. На сопственикот на менувачницата му е укажана медицинска помош, поради здобиени телесни повреди при настанот.