Соопштенија

Тетовецот кој ја лиши од живот својата сопруга под истрага за три кривични дела

Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека ги сторило кривичните дела – Убиство од чл.123 ст.2 т.2, Убиство (во обид) од чл.123 ст.1 во врска со чл.19, како и Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материјали од чл. 396 ст.1 од Кривичниот законик.

Осомничениот, на 14.10.2018 година, при вршење семејно насилство, ја лишил од живот својата сопруга. Делото го извршил во куќата на нејзиниот брат во тетовска Мала Речица, каде што влегол насилно, кршејќи ја бравата. По вербална расправија со сега починатата, кон неа испукал два куршуми од пиштол марка “ТТ“ со калибар 7,62мм, што го поседувал без дозвола, погодувајќи ја во пределот на вратот и на градниот кош. Од здобиените повреди, жената починала на лице место.

По настанот, осомничениот го напуштил местото, а само неколку минути подоцна, со умисла се обидел да лиши од живот уште едно лице. Имено, додека оштетениот се наоѓал во неговото патничко моторно возило и го стартувал за да влезе во неговиот двор, од горната страна на улицата наишол осомничениот со автомобил, застанал паралелно со возилото на оштетениот и испукал кон него два куршуми од истиот пиштол.

Оштетениот успеал да ги избегне куршумите, наведнувајќи се над совозачкото седиште, по што осомничениот го напуштил местото.

Осомниченото лице било пронајдено и лишено од слобода вчера попладне во селото Гајре, при што од страна на овластени полициски службеници му е одземен и наведениот пиштол и седум куршуми пиштолска муниција.

Ценејќи дека се исполнети сите законски основи, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово до судија на претходна постапка при Основниот суд Тетово достави Предлог за определување мерка притвор за осомничениот.