Соопштенија

Четири лица под истрага во Прилеп за кривично дело насилство

Основното јавно обвинителство Прилеп донесе Наредба за спроведување истражна постапка против четири лица, поради постоење основано сомнeние дека сториле кривично дело Насилство од чл.386 ст.6 во врска со ст.1 и ст.3 од Кривичниот законик.

Лицата се осомничени дека на 03.11.2018 година во Прилеп, во присуство на голем број граѓани, ја загрозиле сигурноста и нанеле тешки телесни повреди на двајца оштетени. По претходна вербална расправија помеѓу оштетените и еден од осомничените, тој телефонски ги повикал останатите осомничени и со патничко моторно возило марка „Лада” започнале да ги бараат оштетените низ градот.

Откако ги пронашле, се симнале од возилото и се упатиле кон оштетените. Тројца од осомничените во рацете држеле дрва со должина од еден метар, додека еден во рацете имал нож со должина од 30 см. Сите четворица започнале да ги удираат оштетените лица по главата и телото. Притоа на едниот оштетен му нанеле животно загрозувачки повреди како последица на кои тој е неконтактибилен и се одржува во живот со помош на апарати, додека на второто нападнато лице му нанеле телесни повреди изразени со набиеници по главата и телото. Со ваквите дејства осомничените во јавноста предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв.

Со оглед на тоа што надлежниот обвинител процени дека за тројца од осомничените постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, како и основан страв дека ќе ја попречуваат кривичната постапка и ќе влијаат врз сведоците, до судијата на претходна постапка при Основниот суд Прилеп беше доставен и Предлог за определување мерка притвор за овие лица.