Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар издаде Наредба за обдукција на телото на 17-годишна девојка која беше пронајдена синоќа во водите на Вардар. Според првичните информации, девојчето враќајќи се од училиште, поминувало низ градскиот парк во Гостивар, каде била нападната од куче. Бегајќи од кучето, таа паднала во надојдените води на реката. Случајни минувачи се обиделе да и помогнат, но не успеале.
Безживотното тело беше пронајдено доцна синоќа околу шест километри низводно по течението на Вардар, во близина на селото Балин Дол. Идентификацијата на телото ја извршија членови на семејството на сега починатата. Јавниот обвинител изврши увид и на местото на кое девојката паднала во реката и на местото каде што беше пронајдено нејзиното тело. Беше земен исказ од сведоци со цел да се утврдат точните факти за настанот.