Соопштенија

Поднесено обвинение за поседување автоматско огнено оружје

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице кое се товари за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од чл.396 ст.2 во врска со ст.1 од Кривичниот законик.

При извршен претрес кај обвинетиот, во просторија просторно поврзана со неговиот дом во Скопје, било утврдено дека тој кај себе држел огнено оружје кое им е забрането на граѓаните, односно автоматско огнено оружје – пушкомитралез „Degtyarev Type 56 RPD“ калибар 7,62X39мм. Пушкомитралезот бил пронајден и одземен од страна на овластени службени лица.

Во рамките на истражната постапка, по наредба на јавен обвинител беше извршена анализа и вештачење на оружјето и беше испитан осомничениот.

Ценејќи дека се уште постојат законските основи заради кои на осомниченото лице му беше определена мерка притвор, односно постои опасност од бегство доколку обвинетиот се брани од слобода, јавниот обвинител заедно со обвинителниот акт до судот достави и Предлог за продолжување на мерката притвор.