Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција оформи предмет по допрен глас по објавите на медиумите за донесените одлуки на Судскиот буџетски совет за обезбедување средства за исплата на додатоци на плата. Со донесените одлуки за членовите на Судскиот совет на Република Македонија се определува да се исплатат додатоци на плата во висина од 35 % од основната плата.
Обвинителството ќе ја испитува основаноста на донесените одлуки за исплата на додатоци на плата за членовите на Судскиот совет и извршената исплата. Надлежниот јавен обвинител истражува евентуална кривична одговорност за злоупотреба на службената положба и овластување и нанесена штета на Буџетот на Република Македонија со исплата на додатоците кои не се пропишани со Законот за плати на членовите на Судскиот совет.