Соопштенија

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против двајца малолетни и пет полнолетни осомничени за насилство во Драчево

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до Судијата за деца при Основен суд Скопје 1 Скопје поднесе Барање за поведување на подготвителна постапка спрема две деца во судир со закон постари од 16 години.

За децата на возраст од 17 години постои основано сомнение дека извршиле дејствие што со закон е определено како кривично дело – Насилство од член 386 став 6 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик.

За истиот настан ќе се води редовна кривична постапка и против пет полнолетни лица за кои исто така постои основано сомнение дека сториле кривично дело насилство.

Имено, на 04.02.2019 година во Драчево едно од децата во судир со законот заедно со петтемина полнолетни осомничени извршиле грубо насилство врз другото дете, удирајќи го најпрвин во пределот на главата. Кога детето паднало на плочникот тие продолжиле да го удираат со клоци по телото. Во еден момент детето успеало да стане, извадило нож на преклопување и почнало да трча по еден од полнолетните осомничени. Кога го стигнало, го прободело со ножот со два убода во градниот кош и слабината, нанесувајќи му тешка телесна повреда.

Ценејќи дека се исполнети законските основи од Законот за правата на детето и Законот за кривична постапка, надлежниот јавен обвинител на судијата за деца му предложи да определи мерка куќен притвор за детето во судир со законот кое во инцидентот употребило нож. Од страна на судијата ваквиот предлог беше одбиен, а на детето со Решение му беа определени мерки на претпазливост: забрана за напуштање на живеалиште и обврска еднаш неделно да се јавува кај службено лице од Одделот за малолетници при Основниот суд Скопје 1 Скопје.