Во врска со кривичната пријава поднесена против непознат сторител за кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик која се однесува на невршење на распределба на осигуреници во вториот столб од пензискиот систем и неисплата на придонеси во приватните пензиски фондови, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска го испита подносителот на кривичната пријава, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.
Во својот исказ таа изнесе одредени сознанија во врска со наводите во пријавата без притоа да посочи можен сторител на кривичното дело со утврден идентитет. Надлежниот јавен обвинител побара од подносителот на пријавата дополнително да достави определени материјални докази кои ги спомена во својот исказ.
Основното јавно обвинителство Скопје продолжува со преземање други дејствија за проверка на наводите во пријавата. Надлежниот јавен обвинител од Државниот завод за ревизија ќе ги побара изготвените извештаи за извршена ревизија во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во критичниот период, а на распит ќе биде повикан и претставник на Фондот за да даде свое појаснување во врска со наведеното во пријавата.