Соопштенија

Под истрага организаторите на настаните во Собранието на Република Македонија

По спроведена сеопсежна предистражна постапка, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против пет лица за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело – Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, предвидено и казниво по член 313 од Кривичниот законик.

Наодите од предистражната постапка укажуваат дека осомничените на почетокот на 2017 година подготвиле и реализирале план со намера да оневозможат мирно примопредавање на власта. За таа цел ги организирале и материјално ги подржале масовните протести, најпрвин пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето „За заедничка Македонија“ кои кулминираа со насилното влегување во Собранието на Република Македонија на 27 април 2017 година. Осомничените како организатори ја вклучиле севкупната партиска структура и материјални средства за исполнување на целта и овозможиле континуирано намалување на бројот на полициски службеници за обезбедување на протестите.

Со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста, критичниот ден организирале непречено влегување на народните маси во законодавниот дом, вклучиле патриотски здруженија и ангажирале лица за извршување на насилство. Воедно од седиштето на политичка партија континуирано го мобилизирале членството на партијата од Скопје и другите градови. Во исто време, еден од осомничените со возило, сопственост на Управата за безбедност и котраразузнавање, донел огнено оружје и панцирни елеци пред Собранието на Република Македонија што биле наменети за лица што протестираат и имаат искуство во ракување со оружје. Со овие активности осомничените предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв кај граѓаните.

Ценејќи дека се исполнети законските основи, надлежниот јавен обвинител до Судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје достави Предлог за определување мерка притвор за осомничените.