Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје почна постапка против едно лице кое се гони за продолжено кривично дело – Тешка кражба од член 236 став 1 точка 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот со умисла извршил две временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на истото дело, искористувајќи притоа слични околности.
На 24.11 2018 година, од автомобил со скопски регистарски ознаки паркиран во близина на булеварот „Илинден“ одзел женска чанта со лични документи, кредитни картички и 2.000 денари. Малку подоцна истиот ден, на улица „Варшавска“ од автомобил со српски регистарски ознаки одзел два ранци во кои имало четири рекети за тенис, два пара патики и паричник со лични документи и 6.000 денари.
Со оглед на тоа што се работи за лице кое е претходно осудувано за истото кривично дело, а имајќи го предвид видот, тежината и специфичноста на делото, објектот на заштита и запретената казна, јавниот обвинител оцени дека тој би можел да се даде во бегство и на надлежниот суд му предложи да му определи мерка притвор на осомничениот.