Соопштенија

Две лица од Скопје осомничени дека извршиле тешка кражба на дрзок начин во Гостивар

Основното јавно обвинителство Гостивар почна постапка против две лица, жители на Скопје, за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Тешка кражба од член 236 став 1 точка 3 од Кривичниот законик.

Осомничените на 26.02.2019 година на улица во Гостивар пресретнале лице кое кај себе во тој момент имало 1.200 евра и 6.500 денари.  Притоа му пристапиле како просјаци и од него побарале пари. Оштетениот извадил пари за да им даде, по што тие на дрзок начин му ги одзеле сите пари што тој ги имал кај себе и побегнале. Подоцна биле откриени и фатени, а парите се вратени на оштетениот.

Бидејќи постојат околности кои што очигледно укажуваат на опасност од бегство, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Гостивар достави и предлог за определување мерка притвор за двете осомничени лица.