Соопштенија

Известување за постапувањето по поднесената кривична пријава од Министерството за труд и социјална политика

Основното јавно обвинителство Скопје интензивно постапува по кривичната пријава поднесена од Министерството за труд и социјална политика против непознат сторител за кривично дело  – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик, а која се однесува на невршење на распределба на осигуреници во вториот столб од пензискиот систем и неисплата на придонеси во приватните пензиски фондови.

Во текот на досегашната предистражна постапка преземени се повеќе дејствија, а свој исказ пред надлежниот јавен обвинител дадоа претставник – генералниот директор на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, претставник на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), претставник – претседателот на Управниот одбор на КБ Првото пензиско друштво и претставник на САВА пензиското друштво. Во насока на утврдување на фактите, претстои испитување на претставник од Министерството за финансии.

Од страна на Министерството за труд и социјална политика до Основното јавно обвинителство Скопје дополнително беа доставени документи кои се однесуваат на вршењето на надзорот на Министерството врз работата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. До овој момент, не се пристигнати побараните извештаи од Државниот завод за ревизија за извршените ревизии во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во критичниот период.

Јавниот обвинител ќе одлучи доколку е неопходно да се преземат и други дејствија во текот на предистражната постапка. Од досегашните проверки, обвинителството утврди дека не е загрозено правото на пензија на осигурениците во Република Северна Македонија.

За потсетување, на 8 февруари годинава, надлежниот јавен обвинител кој постапува по поднесената кривична пријава, го испита и подносителот на пријавата, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.