Основното јавно обвинителство во Велес до Основен суд Велес поднесе Обвинителен акт против едно лице, жител на Гевгелија на возраст од 40 години, за кривичните дела Недозволено изработување, држење, посредување и тргување со огнено оружје или распрскувачки материи од член 396 став1 и Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
По сеопфатна истражна постапка надлежниот јавен обвинител утврди дека обвинетиот во временскиот период од 09.01.2019 година до 22.02.2019 година кај себе неовластено држел огнено оружје – ловечка пушка марка Чешка збројевка со калибар 16 мм. и 8 ловечки куршуми со истиот калибар. Потоа на ден 09.01.2019 година околу 02.40 часот од електронското казино во Гевгелија, заканувајќи се со пушката одзел пари во вкупен износ од 150.000,00 денари со намера противправно да ги присвои. Имено, обвинетиот маскиран во пределот на лицето, преку задниот спореден влез влегол во казиното и се упатил кон просторот каде се наоѓа касата. Потоа ја вперил пушката кон касиерот кој бил на работно место давајќи му знак со пушката да се оддалечи од касата. Касиерот исплашен по својот живот од ваквата закана, ја послушал наредбата дадена од обвинетиот и го напуштил просторот кај касата. Тогаш обвинетиот ги одзел парите кои се наоѓале внатре во вкупен износ од 150,000,00 денари во различни апиени и го напуштил казиното.
Имајќи предвид дека се работи за обвинет кој пред извесно време во Република Грција имал извршено кривично дело Разбојништво за кое бил правосилно осуден на ефективна казна затвор и избегал од државата за да го избегне издржувањето на изречената казна, како и дека повеќе пати е осудуван за кривични дела против имотот и против животот и телото на луѓето, Основното јавно обвинителство Велес ценеше дека постои опасност, обвинетиот да се даде во бегство или да продолжи со вршење на вакви кривични дела, па поради тоа до Основен суд Велес со поднесениот Обвинителен акт достави и предлог за продолжување на мерката притвор за обвинетиот.