Соопштенија

Притвор за косовски државјанин што превезувал мигранти

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денеска донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против едно лице, косовски државјанин. За лицето постои основано сомнение дека сторило кривично дело Криумчарење мигранти, предвидено и казниво по член 418-б став 4 во врска со став 2 од Кривичниот законик.

Во текот на вчерашниот ден, осомничениот пеш ја поминал македонско – косовската граница и по добиените насоки од непознато лице, го преземал патничкото моторно возило “Форд Транзит” и тргнал по автопатот А1 во правец кон Гевгелија. На непознато место пресретнал група мигранти кои претходниот ден илегално влегле во земјава, ги прифатил и тргнал во насока кон Скопје. На знак да застане од страна на полициски мешовит тим, осомничениот продолжил со зголемена брзина и кај клучката кон с.Смоквица го напуштил возилото со мигрантите и побегнал. Полициските службеници во возилото пронашле 58 мигранти од Пакистан и Сирија, меѓу кои имало и седум малолетни лица. Подоцна осомничениот е пронајден во близина на с. Миравци и лишен од слобода.

Ценејќи дека се исполнети условите, надлежен јавен обвинител до судија на претходна постапка достави предлог за определување на мерката притвор за осомничениот. Судијата го прифати предлогот и на осомничениот со Решение му определи мерка притвор во траење од 30 дена.