Соопштенија

Наредба за истрага и притвор за две лица

Поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори по член 215 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против две лица.

Осомничените, македонски државјани, заедно со НН лице неовластено организирале и заради продажба купиле, држеле и пренесувале наркотична дрога – марихуана. Во текот на вчерашниот ден осомничените по претходен договор организирале пренесување на дрогата до с. Царев Двор со ПМВ марка Мерцедес Е класа управувано од непознато лице. Осомничените како возач и совозач на ТМВ марка Мерцедес Вито биле претходница на возилото во кое се пренесувала дрогата. На светлосна и звучна сигнализација од страна на полициските службеници, возилата наместо да застанат ја зголемиле брзината. Осомничените по некое време го запреле ТМВ, излегле и се дале во бегство но, набргу биле совладани и лишени од слобода. Возачот на ПМВ бегајќи со возилото ја исфрлил дрогата покрај патот и со голема брзина успеал да избега на полициските службеници.

По пребарување на теренот пронајдени се две патни торби со наркотична дрога – марихуана со вкупна тежина од 20.040,02 грама марихуана.

Поради постоење на основите предвидени во член 165 став 1, 2 и 3 од Законот за кривична постапка, надлежниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје достави предлог за определување на мерка притвор за осомничените. Судијата го прифати предлогот и со Решение им определи мерка – Притвор во траење од 30 дена.