Соопштенија

Две лица осомничени за разбојничка кражба и разбојништво

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица, на возраст од 20 и 22 години, кои се осомничени дека во соизвршителство сториле две кривични дела  – Разбојничка кражба од член 238 став 1 и Разбојништво од член 237 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничените на 18 јуни, во зграда на булеварот ВМРО во Скопје, биле заедно затечени во кражба, при што употребиле сила кон една оштетена и од неа одзеле два паричници во кои имало вкупно 700 денари, кредитни картички и лични документи. Имено, тие ја забележале оштетената како се движи кон зградата и побарале ситни пари од неа. Откако не им дала, влегле заедно со неа во лифтот и се обиделе да и го одземат паричникот. Притоа, ја притиснале и со употреба на сила и ги извадиле паричниците од чантата, ја оттурнале и избегале.

На 21 јуни, на истото место и речиси на идентичен начин, следеле оштетена која завршила со пазарување и се враќала кон зградата. Кога влегла во влезот, ја задржале вратата и влегле по неа. Пред лифтот и пришле и со употреба на сила ја турнале и ја удриле по главата, по што и го одзеле паричникот во кој се наоѓале 4.000 денари, кредитни картички и лични документи. Со одземените предмети го напуштиле местото.

Ценејќи дека се исполнети сите законски основи, односно дека постои опасност осомничените да се дадат во бегство, да влијаат врз сведоците или да го повторат кривичното дело, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави Предлог за определување мерка притвор за осомничените лица.