Соопштенија

Донесена Наредба за спроведување на истрага за 11 лица, се бара притвор и имотно правно побарување во висина на штетата

Во денешните дејствија за обезбедување на осомничени лица што се реализираа под раководство на надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, приведени се 10 осомничени лица.

Надлежниот јавен обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против 11 лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5, а едно од лицата Несовесно работење во службата од чл.353-в ст.3 во врска со ст.1 од Кривичниот законик, при што со своите дејствија предизвикале штета на Буџетот во вкупен износ од 162.644.745,00 денари или 2.647.802 милиони евра.

Во предистражната постапка е утврдено дека во временскиот период од 21.12.2010 година до 08.08.2018 година, првоосомничениот заедно со петмина административни службеници, со неизвршување на своите службени должности, постапиле спротивно на чл.17 ст.4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градежно земјиште што се однесува на чл.74 ст.1, т.7 од Законот за градежно земјиште. Имено, во наведениот период осомничените подготвиле и потпишале четири Договори за оттуѓување на градежно земјиште во сопственост на државата.

За два од Договорите што се однесуваат за земјиште во вкупна површина од 4090 м2, наменето за изградба на хотелски комплекси со вкупна вредност од 20.450.000,00 денари и за земјиште наменето за изградба на објект со комерцијални и деловни намени, со вкупна површина од 1046 м2 во вредност од 97.382.600,00 денари, осомничените не ја следеле реализацијата на наведените Договори и Анекс – Договори. Наместо поради неисполнување на договорните обврски еднострано да ги раскинат договорите и да го вратат градежното земјиште во сопственост на државата, како и да извршат наплата на договорната казна од купувачот за целиот период од денот на истекот на рокот за обезбедување на Одобрението за градење, тие постапиле спротивно на своите овластувања и овозможиле купувачите да се стекнат со противправна имотна корист на штета на Буџетот на државата во вкупен износ од 25.000.127,00 денари, односно 113.840.268,00 денари за вториот договор.

Останатите два Договори се склучени со осомничено лице кое во првиот случај се јавува како физичко лице – купувач, а во вториот како сопственик на правно лице. Договорите се однесуваат за земјиште во вкупна површина од 8745м2, со цена постигната со електронско јавно наддавање во износ од 2.500,00 денари за 1 м2 или вкупна вредност од 21.862.500,00 денари и за земјиште во вкупна површина од 13 675м2, наменето за изградба на хотелски комплекси, со цена во износ од 71,00 денар за 1 м2 односно вкупна вредност од 970.925,00 денари постигната со електронско јавно наддавање.

Не водејќи сметка за имотните права и интереси на државата и неизвршувајќи ја својата службена должност, едно од осомничените лица во својство на службено лице покрај тоа што првично констатирало правни пречки за склучување на Анекс на Договорот и побарало истите да се отстранат, ја злоупотребило својата службена положба и овластување и подготвило мислење без да обезбеди дополнителни докази и без да констатира правни пречки за солемнизација на предложениот текст на еден од Анекс – Договорите. Со своите дејствија осомниченото лице постапило спротивно на чл.2 од Законот за државното правобранителство.

Со неизвршување на својата службена должност, двајца осомничени како службени лица кои вршат работи од јавен интерес постапиле спротивно на законот. Едниот, иако приложената документација не била комплетна, извршил потврдување на приватната исправа и притоа го изменил текстот на еден од Договорите за оттуѓување на градежно земјиште и Анексот на Договорот во делот што се однесува на реалниот товар над земјиштето. Наместо да констатира еднострано раскинување на договорите и враќање на градежното земјиште во сопственост на државата, во случај на неисполнување на договорните обврски, дефинирал оттуѓувачот да може да наплати само договорна казна, без прецизирање како државата ќе го наплати своето побарување доколку купувачот не располага со друг имот.

Второто осомничено службено лице со умисла помогнато од осомничениот сопственик и управител на правното лице, постапило спротивно на одредбите од Договорот за оттуѓување, како и спротивно на чл.43 и чл.46 од Законот за нотаријат. Иако било запознаено, не потврдило и не го евидентирало постоењето на право на реален товар во корист на оттуѓувачот – Р.М. Постапувајќи спротивно на своите службени овластувања осомниченото лице извршило и Солемнизација на нов Договор – Договор за дар на недвижен имот за едно од предметните земјишта, кој бил заверен и во кој е констатирано дека дародавецот – осомничениот, бил сопственик на недвижноста што ја подарува и дека на истата немало воспоставено никаков правен товар. Со своите дејствија осомниченото лице овозможило предметното земјиште да се пренесе во сопственост на трети лица.

Осомничениот сопственик на правно лице иако знаел дека не ги исполнил обврските од Договорот за оттуѓување на градежно земјиште, го известил Министерството за транспорт и врски за отпочнување со градежни активности, а кои ги прекинал со невистинито образложение и во два наврати доставил и вештачења изготвени по негово барање со прикажана состојба на земјиштето спротивно од констатираното од страна на Општина Центар. При Солемнизација на Договор за дар на недвижен имот, осомничениот дал лажна изјава дека градежното земјиште што е предмет на подарок, не е оптоварено со никаков правен товар.

Со пропуштање на должен надзор – без да утврди дека во приватната исправа – Договорот за оттуѓување на градежно земјиште било предвидено прибележување на реален товар над земјиштето во корист на оттуѓувачот, осомничено службено лице несовесно постапило во вршењето на своите овластувања и не ги почитувало одредбите од чл.171 од Законот за катастар на недвижностите, по кои било должно да постапува. Без да прибележи товар над земјиштето осомниченото службено лице извршило промена на сопственоста над земјиштето и во јавните книги на катастарот во корист на осомничениот сопственик на правното лице.

Со извршените дејствија шесмина од осомничените сториле по едно кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 во врска со со ст.1, двајца осомничени сториле по едно кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 во врска со ст.4 в.в. со ст.1, еден осомничен сторил кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 во врска со ст.1 во врска со чл.24 од Кривичниот законик и едно лице е осомничено дека сторило кривично дело Несовесно работење во службата од чл.353-в ст.3 во врска со ст.1 од Кривичниот законик.

Ценејќи дека се исполнети условите, надлежен јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување на мерката притвор за сите осомничени. Едновремено обвинителот согласно член 118 и член 120 од Законот за кривична постапка достави и Предлог за определување на мерки за обезбедување на имотно-правно побарување во висина на штетата.

ДОПОЛНУВАЊЕ: Во текот на денешниот ден, откако осомничените дадоа искази пред Судијата на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје, надлежниот обвинител кој постапува во предметот за две од осомничените лица го повлече предлогот за определување на мерката притвор и му предложи на судот за овие лица да бидат определени мерки на претпазливост и тоа: одземање на патна исправа и забрана за нејзино издавање, забрана за напуштање на живеалиште, повремено јавување на службено лице во судот и забрана за вршење дејности на работното место кои се поврзани со предметното кривично дело.