Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за сторено кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.
Осомничениот од март до јули 2019 година во неколку наврати од засега непознато лице, неовластено заради продажба набавувал наркотична дрога хероин. При извршен преглед од страна на полициски службеници кај осомничениот била пронајдена дрогата со вкупна маса од 4,13 грама спакувана во 12 полиетиленски пакувања, додека пак, при вршење претрес во неговиот дом бил пронајден хероин со вкупна нето маса од 9,28 грама спакуван во две полиетиленски пакувања и една дигитална вага со остатоци од дрогата.
Надлежниот јавен обвинител ценеше дека се исполнети законските основи за обезбедување присуство на осомничениот за непречено водење на кривичната постапка, поради што до судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување на мерката притвор за осомниченото лице.