Соопштенија

Поднесено обвинение против лицето кое пукаше од полуавтоматско и автоматско оружје во скопско Бојане

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице кое се товари дека извршило кривични дела – Предизвикување општа опасност од член 288 став 3 во врска со став 1, како и Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Обвинетиот, на 14 септември во скопското село Бојане, со општо опасно дејствие – истрели од огнено оружје – автоматска пушка и полуавтоматски пиштол кои ги поседувал без дозвола, предизвикал значителна опасност за животот на неколку лица кои во тој момент се наоѓале во близина на селскиот бунар.

Имено, тој најпрво започнал вербална и физичка расправија со едно лице. По ова, со полуавтоматски пиштол „Застава М57“ со калибар од 7,62Х25мм, кој го поседувал без дозвола, обвинетиот испукал неколку проектили кон продавницата пред која седеле неговите соселани. Веднаш потоа, влегол во својот дом од каде излегол со автоматска пушка „Застава М70Б1“ со калибар 7,62Х39мм, кое оружје им е забрането на граѓаните. Во дворот тој испукал неколку проектили во воздух. Селаните го пријавиле во полиција, по што лицето било приведено, а оружјето му било одземено.

Ценејќи дека законските основи заради кои на лицето првично му беше определена мерка притвор и натаму постојат, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и Посебен предлог за продолжување на мерката притвор за обвинетиот.