Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори предвидено и казниво по член 215 став 1 од Кривичниот законик.
На 9 октомври, полициски службеници го забележале обвинетиот во близина на село Грачани како управува мотоцикл без регистарски таблици и го запреле за да извршат легитимирање. Обвинетиот се дал во бегство, но бил совладан од полициските службеници. При извршениот личен претрес, под тренерката му била пронајдена една кеса со наркотична дрога – марихуана со вкупна нето маса од 1010 грама. Обвинетиот 22-годишен скопјанец дрогата ја набавил и ја држел неовластено заради продажба.
Со оглед на тоа што и натаму постојат околностите заради кои на обвинетиот му беше определена мерка притвор, јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и Предлог за продолжување на притворската мерка.