Соопштенија

Поднесен обвинителен акт против 11 лица

По сеопфатна истражна постапка, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд – Скопје, достави обвинителен акт против 11 лица. Со дејствијата опишани во Обвинителниот акт првообвинетиот се товари дека сторил повеќе кривични дела Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 в.в. со ст.3 и едно кривично дело Бесправно градење од чл.244-а ст.1 од Кривичниот законик. Едно лице е обвинето дека сторило кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 в.в. со ст.3 од Кривичниот законик, на седуммина им се става на товар кривично дело Несовесно работење во служба од чл.353-в ст.5 и две лица, со опишаните дејствија во обвинението, се товарат за кривично дело Бесправно градење од чл.244-а ст.1 од Кривичниот законик.

Првообвинетиот, во периодот од 2011-2017 година, како службено лице – градоначалник, во повеќе наврати ја злоупотребил службената положба и овластување во постапки за јавна набавка и во постапка за легализација на времени објекти од деловен карактер и приватизација на градежно земјиште сопственост на РС Македонија. Тој, во текот на 2012 година при спроведување на постапка за јавна набавка склучил и потпишал договор со правно лице, иако знаел дека правното лице нема доставена банкарска гаранција за квалитетно, а со тоа и навремено извршување на договорот. Тој, дозволил изведувачот да започне со изведување на активностите од договорот. По еден месец, заради неквалитетно изведување на работите, го раскинал договорот со изведувачот, со што овозможил правното лице да се стекне со имотна корист на штета на буџетот на општината во износ од 303.295,оо денари, односно 5% од вредноста на Договорот за јавна набавка. Во периодот од 2012-2013 година во постапка за јавна набавка, првообвинетиот причинил штета на буџетот на општината во износ од 14.609.653,63 денари. Откако јавната набавка била спроведена и бил склучен договорот, првообвинетиот давал усни инструкции на изведувачот за изведување на дополнителни работи, со што вкупната вредност на работите за изведување надминала 100% од вредноста на основниот договор.

Во истиот период, првообвинетиот како градоначалник, во име и за сметка на правното лице – општината, во својство на инвеститор спротивно на чл.56 и 57 ст.2 и чл.63 од Законот за градење, без Одобрение за градење, изградил деловен административен објект на локалната самоуправа со што сторил кривично дело Бесправно градење. За објектот во 2016 година поднел Барање за утврдување на правен статус на бесправни објекти од локално значење.

Во периодот од 2011-2017 година, првообвинетиот заедно со раководен државен службеник во општината, ја искористиле својата службена положба и овластување постапувајќи во предмети оформени по поднесените Барања за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект. Тие, иако знаеле и биле должни да знаат, дека објектите за кои се поднесени барањата се објекти што не смеат да бидат предмет на постапка за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, ги потпишале Урбанистичките согласности и дале согласност за вклопување на предметните времени објекти за деловна намена во урбанистичко планската документација. Со потпишаните Решенија за утврдување на правен статус на времените објекти за деловна намена како да се бесправно изградени објекти, овозможиле три правни и едно физичко лице да се стекнат со право на сопственост на објектите и ексклузивно право на откуп на земјиштето под објектите сопственост на Р.С. Македонија. Првообвинетиот и раководниот државен службеник во општината, со искористување на службената положба и овластување, знаејќи дека постапката за легализација на времените објекти со деловна намена е спроведена спротивно на законските прописи, овозможиле на две правни лица со непосредна спогодба да се стекнат со материјална и имотна корист во вид на градежно земјиште под објект за цена од 438,оо денари по м2, иако според Ценовникот за утврдување пазарна вредност на градежно земјиште и макролокација на Зони во Град Скопје изнесува 18.000,оо денари за м2. Со преземените дејствија обвинетите го оштетиле Буџетот на Р.С.Македонија во износ од 31.410.000,оо денари. Во текот на истрагата е утврдено дека едно од двете правни лица земјиште со површина од 1533 м2 купено за 671.454,00 денари, по само дваесеттина дена го отуѓило за 40.528.500,00 денари.

Второобвинетиот, повредувајќи ги законските прописи при спроведување на постапка за јавна набавка сторил кривично дело несовесно работење во служба. Тој, иако знаел дека правното лице не доставило банкарска гаранција за квалитетно и навремено извршување на договорот, наместо да предложи активирање и наплата на банкарската гаранција на понуда во износ од 181.977,оо денари (3% од вредноста на понудата)во корист на буџетот на општината и да објави негативна референца за понудувачот, го проследил Договорот за јавна набавка на понатамошно постапување.

Во текот на 2016 година тројца од обвинетите во својство на членови на Комисија за јавна набавка, при спроведување на постапката за јавна набавка сториле кривично дело несовесно работење во служба. Пред да пристапат кон евалуацијата на понудите при проверка на комплетноста и валидноста на документацијата за утврдување на способноста на понудувачите, прифатиле некомплетна понуда на правно лице и овозможиле правното лице да учествува во постапката и да биде избрано како најповолен понудувач. Со ваквите дејствија овозможиле правното лице да се стекне со имотна корист во вкупен износ од 2.845.234,оо денари, на штета на буџетот на општината.

Двете лица обвинети за кривично дело Бесправна градба го сториле кривичното дело што им се става на товар така што едниот обвинет како одговорното лице во правното лице – изведувач, започнал со изведување градба и изградил деловен – административен објект на локалната самоуправа без Одобрение за градење на инвеститорот. Другиот обвинет, како надзор, во име и за сметка на правното лице, спротивно на чл.36 ст.1 алинеа 1 од Законот за градење, без Одобрение за градење на инвеститорот, вршел надзор на градбата.

Три лица, како службени лица во општината, се обвинети дека несовесно вршејќи ги своите овластувања и должности, со пропуштање на должен надзор при постапување по поднесени Барања за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти постапиле спротивно на чл.2 од Законот за постапување со бесправно изградени објекти и изготвиле и потпишале урбанистички согласности и решенија за легализација на бесправно изградени објекти од времен карактер за деловни намени поставени на градежно неизградено земјиште сопственост на Р.С.Македонија.