Соопштенија

Тројца осомничени за кражби на дрзок начин на гостиварскиот пазар

Основното јавно обвинителство Гостивар отвори постапка против три лица, осомничени за две кривични дела – Тешка кражба од член 236 став 1 точка 3 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Осомничените, од кои еден државјанин на Република Северна Македонија и двајца државјани на Република Косово, на 29 октомври, со возило марка Фолксваген голф 4 со косовски регистарски таблици се паркирале во близина на Градскиот пазар во Гостивар. Пеш се упатиле кон пазарот и во погодна прилика, од задниот џеб на едно оштетено лице украле паричник со лични документи и банкарска картичка.

Истиот ден, на истиот начин, осомничените и од друго оштетено лице одзеле паричник во кој имало околу 5.000 денари, две картички од трансакциски сметки и други лични документи. При обидот да избегаат од местото, тие биле забележани и сопрени од страна на полициски службеници.

По предлог од надлежниот јавен обвинител , Основниот суд во Гостивар на осомничените им определи притвор во траење од осум дена.