Соопштенија

Еден обвинет за убиството на Бурим Идризи на улицата „Џон Кенеди“

Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје достави Обвинителен акт против едно лице, кое се товари дека извршило кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 3 од Кривичниот законик.

Обвинетиот, на 20.12.2017 година, на автобуска постојка на улицата „Џон Кенеди“ во Скопје, наспроти училиштето „Цветан Димов“, со умисла го лишил од живот лицето Бурим Идризи, а го довел во опасност и животот на уште тројца други оштетени.

Додека сега починатиот со останатите оштетени стоел на постојката, обвинетиот со автомобил Застава југо застанал од спротивната страна на коловозната лента и излегол од возилото со огнено оружје во рацете. Тој ја претрчал коловозната лента, се доближил до жртвата и испукал кон него 20 куршуми со калибар 7,62X39мм. Притоа, Идризи се здобил со повеќе огнострелни повреди кои резултирале со брз смртен исход, а со телесна повреда се здобил и еден од оштетените.

Надлежниот јавен обвинител до Судот достави и Посебен предлог за продолжување на определената мерка притвор за обвинетото лице, бидејќи постои опасност од бегство како и околности кои упатуваат дека тој би можел да го повтори кривичното дело. Притоа обвинителот го ценеше и фактот што обвинетиот веднаш по настанот се даде во бегство и речиси две години не беше достапен на органите на прогонот.