Соопштенија

Обвинителен акт против лице кај кое беа пронајдени психотропни супстанции и марихуана

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од чл.215 ст.1 во врска со чл.12 ст.2 од Кривичниот законик. Обвинетиот 20-годишник се товари дека делото го сторил во состојба на битно намалена пресметливост заради хронично психичко пореметување предизвикано од зависност од марихуана и стимуланси.

Во ваква состојба на битно намалена способност да го сфати значењето на своето дело или способноста да управува со своите постапки, обвинетиот на 18 септември кај себе држел наркотична дрога и психотропни супстанции: 89 таблети со светло зелена боја и неправилна форма, како и прашкаста материја со тежина од 0,31 грам со активна компонента – 3,4 метилен-диоксиметамфетамин (MDMA). Освен ова, при личен претрес кај него, биле пронајдени и 1,96 грама марихуана. Дополнително, при претрес на домот на обвинетиот биле пронајдени две полиетиленски пакувања со психотропна супстанца – амфетамин со вкупна тежина од 12,71 грама.

Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот, со цел да се обезбеди неговото присуство во текот на кривичната постапка. Освен ова,со оглед на состојбата на обвинетиот, јавниот обвинител на Судот му предложи со изрекување на казната да изрече и мерка на безбедност – задолжително лекување од зависности.