Соопштенија

Скопјанец обвинет за убиство и за обид за убиство

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице за кривично дело – Убиство од чл.123 ст.1 од Кривичниот законик и за кривично дело – Убиство од чл.123 ст.1 во врска со чл.19 (во обид).

Обвинетиот на 14 јуни, во населбата Шуто Оризари, по вербална расправија и физичка пресметка со негов близок роднина, со нож во рака отишол во куќата на роднината. Кога оштетениот го забележал, и тој зел нож во раката за да се брани, по што повторно меѓу нив дошло до физичка пресметка. Со намера да ги раздвои, меѓу двајцата роднини застанала сопругата на оштетениот. Во тој момент обвинетиот со умисла ја лишил од живот, замавнувајќи со ножот и задавајќи и смртоносна убодна рана во пределот на градниот кош и срцето. Потоа обвинетиот со умисла се обидел да го лиши од живот и неговиот роднина, нанесувајќи му две површни сечни рани во пределот на градниот кош и една убодна рана во стомакот. По настанот, го фрлил ножот во дворот на куќата и заминал од местото.

Со оглед на тоа што во конкретниот случај постои опасност од бегство на обвинетиот, како и основан страв дека тој би можел да го повтори или доврши обиденото кривично дело, а особено имајќи ги предвид тешките последици од настанот, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор.