Јавното обвинителство на Република Северна Македонија ја презентираше новата интернет страница www.jorm.gov.mk, овозможена со финансиска поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
„Јавното обвинителство како орган кој ги гони сторителите на кривичните дела и се грижи за функционирањето на казнениот правен систем, има обврска јасно и транспарентно да ги споделува информациите со јавноста. Објавувањето на информациите нема само информативна функција за задоволување на јавниот интерес, туку преку нивна обработка и споделување, се реализира обврската за превентивно и едукативно дејствување врз состојбите со криминалитетот во општеството“, изјави Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески.
„Довербата на јавноста во вашата институција зависи од резултатите на вашата работа и од начинот на кој споделувате информации со јавноста за вашата работа. Довербата е емотивен одговор и најчесто треба да се заслужи, негува и да се одржува. Работата на јавното обвинителство мора да биде отворена и достапна за пошироката јавност, до степенот до кој тоа го дозволуваат законите и меѓународните стандарди“, истакна Амабасадорот Клеменс Која, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Новата интернет страница беше презентирана пред медиумите и пред јавните обвинители. Јавното обвинителство продолжува со заложбите за натамошно унапредување на транспарентноста на институцијата и градење на односи со јавноста.