Соопштенија

Истрага против едно лице за пронајдено оружје и муниција во Арачиново

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице, бидејќи постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од чл.396 ст.1 од Кривичниот законик.

Во својот дом во Арачиново осомничениот држел огнено оружје и муниција – еден полуавтоматски пиштол “Smith&Wesson” MOD 6906 со калибар 9мм Para, еден полуавтоматски пиштол “Walther” P99 со две рамки, како и 41 куршум со калибар 9мм Para. Оружјето и муницијата биле пронајдени и одземени при претрес во неговиот дом.

Бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност осомничениот да ги сокрие трагите од кривичното дело или да ја попречува постапката со влијание врз сведоците, како и опасност тој да го повтори делото, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.