Соопштенија

Се прибираат потребни известувања за објавените аудио записи на „Јутуб“

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по првичното објавување на аудио снимки на „Јутуб“ објавени на каналот „U6e Big“, отвори предмет по допрен глас.

Предметот е земен во работа и по него постапува надлежен јавен обвинител. Издадена е наредба до Министерството за внатрешни работи – Сектор за компјутерски криминал и дигитална форензика да преземат дејствија и мерки и барањето за прибирање на потребни известувања да го достават до „Јутуб“.

Во моментов се испитуваат сите околности во врска со идентификација на лицето што ги објавило снимките. Со постапката треба да се утврди кој снимал, дали во содржината на разговорите и нивното јавно објавување има елементи на кривично дело, како и идентитетот на лицата што разговараат. Откако ќе биде прибран и анализиран доказниот материјал, обвинителството ќе донесе одлука дали и кое лице ќе биде повикано да даде исказ пред обвинител, за што во моментот е прерано да се зборува.

Воедно, Ве информираме дека до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до сега нема пристигнато пријава која се однесува на објавените снимени разговори. Обвинителството како и во изминатиот период нема да коментира изјави, туку својата работа ќе продолжи да ја темели врз докази. Во насока на тоа обвинителството веднаш, како и во случајот на објавените документи од предметот „Рекет“, отвори постапка во насока на расветлување на случајот.