Соопштенија

Кумановец осомничен за загрозување на сигурноста на неговата мајка и за напад врз полицаец

Основното јавно обвинителство Куманово поведе постапка против лице кое е осомничено за кривични дела – Загрозување на сигурноста од чл.144 ст.2 во врска со ст.1 и Напад на службено лице при вршење работи од безбедноста од чл.383 ст.2 во врска со ст.1 од Кривичниот законик.

На 15 декември осомничениот 37-годишен кумановец, при вршење семејно насилство, ја загрозил сигурноста на неговата мајка со која од претходно имале нарушени односи. Притоа употребил сериозна закана дека ќе нападне врз нејзиниот живот.

При настанот била повикана полиција и полициските службеници се обиделе да разговараат со оштетената. Тогаш осомничениот најпрво со вратата, а потоа и со раката удрил еден од полицајците, нанесувајќи му телесна повреда – посекотина.

Со оглед на тоа што осомничениот е претходно осудуван за кривични дела, а живее во иста куќа со оштетената, надлежниот јавен обвинител ценеше дека се исполнети законските основи и до Основниот суд Куманово достави Предлог за определување мерка притвор. Судот го прифати предлогот и на осомниченото лице му определи притвор во траење од осум дена.