Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 34-годишен скопјанец поради основано сомнение дека сторил кривично дело – Запуштање и малтретирање на дете од член 201 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот го сторил делото на 23-ти декември, околу 12 часот, кога неговата вонбрачна партнерка му го оставила нејзиното едногодишно дете за да го однесе кај претходно ангажирана дадилка. Осомничениот – очув на детето, додека бил сам со детето во домот и додека го превезувал во возило, го малтретирал удирајќи му тупаници во пределот на главата и лицето, при што му нанел телесни повреди.
Поради постоење на околности кои го оправдуваат стравот дека осомничениот ќе се даде во бегство, ќе влијае на сведоци и дека ќе го повтори делото, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје поднесе Предлог за определување на мерка притвор за осомниченото лице.