Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје достави Обвинителен предлог против три лица кои како соизвршители се обиделе да сторат кривично дело – Тешка кражба од чл.236 ст.1 т.1 во врска со чл.19 и со чл.22 од Кривичниот законик.
На 27 декември, обвинетите по претходен договор, провалиле во куќа на ул. „Ферид Бајрам“ и се обиделе противправно да присвојат туѓи подвижни предмети. Додека еден од обвинетите останал во автомобилот да внимава да не наиде некој, другите двајца насилно влегле во куќата и започнале да претураат и да бараат вредни предмети. Во тој момент ги забележал случаен минувач кој повикал полиција. Тројцата обвинети се дале во бегство, но биле фатени и лишени од слобода од страна на припадници на полициската единица за прв одговор и интервенција „Алфа“.
Со оглед на тоа што и натаму постои опасност од бегство доколку обвинетите бидат пуштени да се бранат од слобода, надлежниот обвинител до Судот достави предлог за продолжување на претходно определените мерки – притвор за двајца од обвинетите и куќен притвор за третиот обвинет.