Соопштенија

Истрага за обид за убиство во Чајлане

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека се обидело да изврши кривично дело – Убиство од чл.123 ст.2 т.2 во врска со ст.1 и во врска со чл.19 од Кривичниот законик.

Осомничениот, во вечерните часови на 31 декември, во семејниот дом во село Чајлане, Сарај, при вршење семејно насилство, со умисла се обидел да го лиши од живот сопствениот брат.

Двајцата браќа најпрвин започнале да се расправаат, па во еден момент осомничениот од џебот извадил нож и неколкупати го прободел оштетениот во вратот, нанесувајќи му убодни рани од животозагрозувачки карактер.

Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави Предлог за определување мерка притвор на осомничениот, бидејќи постојат околности кои упатуваат на опасност тој да се даде во бегство, можност да го повтори односно да го доврши обиденото кривично дело, како и да ја попречува кривичната постапка со влијание врз оштетениот, сведоците и вештаците.