Соопштенија

Кумановското Основно јавно обвинителство навремено ги превзеде сите потребни дејствија за утврдување на причините за смртта на двегодишното дете од Куманово

По објавување на натписи во дел од весниците и порталите, а со цел информирање на јавноста во врска со постапувањето на јавното обвинителство во случајот на починатото двегодишно дете од Куманово, Јавното обвинителство на Република Македонија ја известува јавноста дека навремено се преземени сите мерки за утврдување на причините за смртта на детето.

Имено, во вечерните часови помеѓу 20 и 21.12.2014 година во Основното јавно обвинителство Куманово е примено известување од страна на СВР Куманово дека во Скопските клиники е примено дете кое починало, а кое живеело во Куманово и дека постојат индиции дека се работи за насилна смрт настапена како последица на негрижа на родителите и премрзнатост.

По добивање на ваквото известување од страна на дежурниот јавен обвинител веднаш се издадени повеќе насоки за постапување и тоа за вршење на увид на лице место и фотодокументирање на просторијата во која живееле детето и неговите родители, како и условите за живот, обавување на разговори со соседите на семејството за да се добијат податоци за условите во кои живеело семејството и грижата за децата.

Надлежниот обвинител веднаш издаде наредба за вршење разговори со персоналот во Кумановската болница и болницата во Скопје каде е примено детето. Исто така дадена е наредба за прибирање податоци од Центарот за социјални работи во однос на нивните сознанија за семејството на починатото дете, при што утврдено е дека детето нема единствен матичен број, дека не е заведено во матична книга на родени.

Воедно на ден 22 декември 2014 година, надлежниот јавен обвинител издаде и наредба за вршење на обдукција на телото на починатото дете со цел утврдување на точните причини за настапување на смртта.

Основното јавно обвинителство Куманово ги има преземено сите потребни дејствија во насока на утврдување на постоење на кривично дело и сторител и прибирање докази за истото, а по добивањето на сите побарани докази и известување ќе следи донесување на јавнообвинителска одлука во врска со настанот.