Соопштенија

Скопјанец под истрага за нелегална набавка на хашиш смола и масло од Албанија

Основното јавно обвинителство Гостивар донесе Наредба за спроведување истражна постапка против лице од Скопје осомничено дека сторило кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Според првичните сознанија, осомничениот 29-годишник, на 13 јануари, од непознато лице во Република Албанија набавил 1300 милилитри хашиш смола и 500 милилитри хашиш масло. Дрогата му била донесена во Струга, каде ја ставил во багажникот од својот автомобил, со намера да ја пренесе и да ја продава во Скопје. Во близина на наплатната рампа кај Гостивар, полициски службеници извршиле проверка на возилото и ја пронашле дрогата спакувана во пластични шишиња.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд Гостивар достави Предлог за определување мерка притвор за осомничениот, наведувајќи дека лицето би можело да се даде во бегство, да го повтори кривичното дело или да влијае врз сведоците во постапката. Судот го прифати предлогот и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.