Соопштенија

Битолчанец обвинет за семејно насилство врз сопругата

Основното јавно обвинителство Битола поднесе Обвинителен предлог против едно лице за продолжени кривични дела – Загрозување на сигурноста од член 144 став 2 во врска со став 1 и во врска со член 45 и Неизвршување судска одлука од член 377 став 5 во врска со член 45 од Кривичниот законик. Во исто време, лицето е обвинето и за едно кривично дело – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Лицето на возраст од 31 година е обвинето дека во периодот од 18.10.2019 до 01.12.2019 година, во осум наврати, при вршење семејно насилство и со закани, ја загрозил сигурноста на оштетената – негова сопруга.

Обвинетиот продолжил да ја пресретнува и да и се заканува на оштетената иако со правосилното решение на Основниот суд Битола од 20.11.2019 година му биле изречени привремени мерки на заштита и тоа: забрана да се заканува дека ќе стори семејно насилство кон оштетената, забрана да ја малтретира, вознемирува, телефонира, контактира и забрана да се приближува на растојание помало од 100 метра до работното место на оштетената.

Притоа, на 28.11.2019 година, ја пресретнал оштетената, и го одзел мобилниот телефон, ја удрил со шлаканици и клоци и започнал да ја трга за раката. Оштетената паднала на земја и се здобила со телесна повреда – набиеници во пределот на лицето, левата рака и телото.

Ценејќи ги сите околности во предметот, надлежниот јавен обвинител до Основниот суд Битола поднесе и Посебен предлог за определување мерка притвор за обвинетиот.