Соопштенија

Еден обвинет, две лица под истрага за поседување оружје во Скопје

По спроведена истражна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од чл.396 ст.1 од Кривичниот законик.

При претрес извршен во домот на обвинетиот во Арачиново, на 07.12.2019 година, било утврдено дека тој неовластено држел огнено оружје и муниција – еден полуавтоматски пиштол “Smith&Wesson” MOD 6906 со калибар 9мм Para, еден полуавтоматски пиштол “Walther” P99 со две рамки, како и 41 куршум со калибар 9мм Para. Оружјето и муницијата се одземени со потврда за одземени предмети.

Непосредно по лишувањето од слобода, обвинителството за ова лице предложи да биде определена мерка притвор, но од судијата на претходна постапка предлогот не беше прифатен и на лицето му беа определени мерки на претпазливост. На ваквата одлука надлежниот јавен обвинител вложи жалба, по што на лицето му беше определена мерка куќен притвор од страна на Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје. Со обвинителниот акт поднесен денеска, јавниот обвинител предложи изречената мерка куќен притвор да биде продолжена поради опасност од бегство и можност обвинетиот да го повтори делото.

Инаку, во врска со претресите извршени на 07.12.2019 година на повеќе локации во Скопје, Секторот за внатрешни работи Скопје вчера до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе уште една кривична пријава против две лица. Постапувајќи по оваа пријава, надлежниот јавен обвинител веднаш донесе Наредба за спроведување истражна постапка за лицата поради постоење основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело –  Неовластено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи од чл.396 ст.1 во врска со чл.22 од Кривичниот законик.

Лицата се осомничени дека на 07.12.2019 година, на земјениот пат за с.Крушопек, над селото Грчец, во патничко возило без регистарски ознаки, неовластено држеле огнено оружје и муниција – една пушка со калибар 7,62Х39мм од албанско производство, едно полуавтоматско кусо огнено оружје “Zastava M57”со калибар 7,62Х25 од југословенско производство со осум куршуми во шаржерот, едно полуавтоматско кусо огнено оружје “Zastava M88”со калибар 9мм Para од југословенско производство со четири куршуми во шаржерот, како и два шаржера со капацитет од по 30 куршуми со калибар 7,62Х39мм и со вкупно 22 куршуми во нив.

Полициските службеници извршиле претрес во домовите на осомничените, па утврдиле дека тие се движат со возилото и тргнале по нив. По извесно време осомничените го запреле возилото, излегле од него и побегнале, а оружјето го оставиле во автомобилот. Еден од осомничените е лишен од слобода и за него надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави Предлог за определување мерка притвор со оглед на тоа што постои опасност од бегство и можност тој да го повтори делото. Ваквиот предлог беше прифатен и на лицето му е определена мерка притвор во траење од 30 дена. Другиот осомничен и натаму е недостапен на органите на прогонот и во поглед на тој осомничен обвинителството ќе предложи соодветна мерка за обезбедување по неговото пронаоѓање и лишување од слобода.

Основното јавно обвинителство Скопје појаснува дека во врска со извршените претреси од страна на Министерството за внатрешни работи на 07.12.2019 година на повеќе локации во Скопје до овој момент до обвинителството се поднесени само наведените две кривични пријави со кои се опфатени три лица. За двете кривични пријави, согласно Законот за кривична постапка, јавното обвинителство веднаш отвори истраги, а во еден од предметите поднесе и обвинение. Согласно законските надлежности, за пријавените лица лишени од слобода беше предложена мерка притвор.

Доколку во наредниот период, од страна на МВР како овластен орган за откривање на идентитетот на сторителите на кривични дела, бидат поднесени други кривични пријави, обвинителството согласно Законот за кривична постапка ќе постапи по нив и во зависност од исполнетоста на законските основи ќе предожи соодветни мерки за обезбедување.