Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице за кривично дело – Разбојништво од член 237 од Кривичниот законик.
Обвинетиот 28-годишник, на 20.09.2019 година влегол во обложувалница на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ во Скопје, носејќи кујнски нож со сечиво од 15 сантиметри во десната рака. На оштетениот вработен во обложувалницата му се заканил и побарал да му ги даде парите. Вработениот се исплашил и ги отворил фиоките, ги извадил парите и му ги ставил во ќесата што ја носел обвинетиот. По ова, обвинетото лице го напуштило објектот со прибавена противправна имотна корист од 15.000 денари, а билo лишенo од слобода два месеци подоцна.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и Посебен предлог со кој побара на лицето да му биде продолжена претходно определената мерка притвор и тоа по три основи: опасност од бегство, можност да влијае врз сведокот/оштетениот и веројатност да го повтори делото што му се става на товар.