Основното јавно обвинителство Прилеп до Основниот суд Прилеп поднесе предлози за издавање казнени налози против пет лица, обвинети за кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.
За истото кривично дело поднесени се предлози за издавање казнени налози и против четири лица пред Основниот суд во Крушево.
Сите обвинети не ги почитувале мерките на Владата за сузбивање и спречување на заразната болест COVID-19, односно за време на полицискиот час биле затекнати надвор од своите домови без да поседуваат дозвола за движење.
Обвинителството на надлежните судови им предложи за секое од обвинетите лица да изречат парични казни од 100 дневни глоби, а вредноста на една дневна глоба да биде определена на 20 евра во денарска противвредност.