Соопштенија

Дигитализацијата – клучен предуслов за зголемување на ефикасноста на правосудството

Дигитализацијата не претставува луксуз, туку неопходен предуслов за зголемување на ефикасноста, транспарентноста и довербата во правосудните институции, истакна јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје Владимир Милошески, претседател на Советот за ИКТ во правосудството.

Тој вчера се обрати на  9-от состанок на Секторската работна група за правда, пред претставници на Делегацијата на Европската Унија, на амбасадите во земјава, судии, јавни обвинители, адвокати, Советот на ИКТ, меѓународни и домашни организации и донаторската заедница, истакнувајќи дека заедничка цел е изградба на правосуден систем кој е модерен, достапен и отпорен на предизвиците на дигиталната ера.

„Современото правосудство мора да одговори на очекувањата на граѓаните за побрзи постапки, јасни и достапни информации и поедноставени процедури. Токму затоа, дигиталната трансформација треба да се гледа како долгорочен и стратешки процес“, рече обвинителот Милошески, а како позитивен пример во тој правец го истакна дигиталното поврзување на Управниот суд со јавните органи и со Вишиот управен суд, со што се заокружи првата фаза од трансформација кон поефикасно, побрзо и потранспарентно судство. „Со ова се обезбедува брза, безбедна и ефикасна електронска комуникација за времетраење на управните спорови што значително ќе ја подобри институционалната комуникација, ќе го забрза работењето и ќе донесе конкретни заштеди“, рече Милошески.

Како клучни проекти на кои работи Советот за ИКТ во правосудството тој ги наведе потребатаа од надградба и модернизација на Информацискиот систем за автоматско управување со судски предмети во судскиот систем – АКМИС, системот за електронско досие и дигитално следење на предметите, воведувањето единствен идентификатор на предметите, поврзувањето на судовите, нов систем за електронско управување со предметите во јавните обвинителства, електронска поврзаност со Канцеларијата за поврат на имот, интероперабилноста и институционалната поддршка.

„Дигиталната трансформација носи бројни придобивки. Но, таа не е само технички процес. Таа подразбира унапредување на правната рамка, континуирана обука на кадарот, инвестиции во сигурна ИКТ-инфраструктура и прифаќање на промените“, нагласи Милошески.