Соопштенија

Директор и стечаен управник обвинети за злоупотреба на службена положба во Кавадарци

Основното јавно обвинителство Велес поднесе Обвинителен акт против две лица кои се товарат за кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Во периодот од 28.05.2009 година до 28.05.2013 година, првиот обвинет во својство на одговорно лице – извршен директор на стечајниот должник Акционерско друштво за производство на режана граѓа и други финални производи од дрво ДИК „Страшо Пинџур“ (во стечај) – Кавадарци и управител на правното лице „Амбалажа Кабран“ од Кавадарци, спротивно од одредбите на Законот за стечај, не ги испоолнил обврските кои произлегуваат за него од спроведбениот дел на стечајниот план – План за реорганизација на стечајниот должник, кој бил подготвен и изготвен од санаторот инвеститорот „Амбалажа Кабран“. Согласно овој план, тој бил задолжен да изврши финансиска консолидација на стечајниот должник, да го обнови и продолжи деловниот потфат, како и да ги намири обврските кон доверителите групирани во четири групи, во рок од четири години и една година грејс-период, заклучно со 28.05.2013 година. Спротивно на ова, обвинетиот започнал да врши продажба на недвижниот имот на стечајниот должник.

Во отсуство на надзор над спроведувањето на стечајниот план, обвинетиот извршил продажба на имот на стечајниот должник во вкупна вредност од 8.636.415 денари без да ги исплати утврдените побарувања на доверителите во стечајната постапка.

Втората обвинета, пак, во својство на службено лице – стечаен управник на стечајниот должник ДИК „Страшо Пинџур“, спротивно на Законот за стечај, не извршила надзор над исполнувањето на стечајниот план за 2011, 2012 и 2013 година и не го известила Одборот на доверители ниту Стечајниот совет дека стечајниот план не се спроведува и дека се врши продажба на имотот на стечајниот должник со што се оневозможува намирувањето на неговите доверители.

На овој начин, двајцата обвинети причиниле значителна имотна штета на доверителите на Акционерско друштво за производство на режана граѓа и други финални производи од дрво ДИК „Страшо Пинџур“ (во стечај) – Кавадарци, во вкупен износ од 15.112.669 денари.