Денес, во просториите на Државниот завод за ревизија, Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски и Заменик главниот државен ревизор м-р Орхан Адеми остварија работна средба со Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески и јавниот обвинител – раководител на Одделението во ЈОРСМ за соработка со други институции Башким Бесими.
Работната средба беше иницирана од страна на Главниот државен ревизор, а во врска со најавите на Јавното обвинителство на РСМ за активирање на Национален фронт за борба против корупција со цел интензивирање и зајакнување на соработката помеѓу надлежните институции во државата во превенцијата и борбата против корупцијата.
Притоа, Јовески појасни дека идејата на обвинителството не е да се создаваат паралелни институции со постоечките, туку да се подобри меѓуинституционалната координација и размена на информации во функција на борбата против корупцијата.
„Исклучително ја цениме самостојноста на Државниот завод за ревизија, а ревизорските извештаи претставуваат солидна и корисна основа за нашите постапки“, рече Јовески.
Тој најави дека Јавното обвинителство на Република Северна Македонија ќе изготви задолжително упатство со насоки до јавните обвинители за начинот за постапување по ревизорските извештаи. Исто така, го поттикна Државниот завод за ревизија што почесто да ја користи и можноста предвидена во членот 35 од Законот за државна ревизија, согласно која „доколку овластениот државен ревизор при ревизија оцени дека субјектот на ревизија сторил прекршок или кривично дело должен е веднаш да ги извести надлежните органи“, односно уште пред изготвувањето на конечниот извештај.
Ова значително ќе го забрза постапувањето на Јавното обвинителство по наодите од извршените ревизии и ќе овоможи навремено прибирање на доказите за кривична постапка. На оперативно ниво, беа разгледани и други аспекти за олеснета примена на ревизорските извештаи во кривичната постапка.
Главниот државен ревизор потенцираше дека Државниот завод за ревизија како Врховна ревизорска институција во државата во континуитет стои на располагање со својата експертиза, стручност и професионалност на сите надлежни институции во системот за превенција и борба против корупцијата.
Двете институции се договорија во следниот период да изготват заеднички план со конретни активности кои треба да се реализираат до крајот на годината, а кои вклучуваат и следење и повратни информации за постапувањето по ревизорските извештаи, како и едукација на јавните обвинители за методологијата и пристапот на работа во изготвувањето и содржината на конечните ревизорски извештаи.
Главниот државен ревизор и Јавниот обвинител на Република Северна Македонија се согласија дека во изминатиот период, по потпишувањето на заедничкиот меморандум за соработка, комуникацијата помеѓу ДЗР и Јавното обвинителство е значително унапредена и подобрена, но постои можност и за дополнително зајакнување.
Веќе преземените активности вклучуваат номинирање лица за комуникација од двете институции, како и одржување почести работни средби меѓу овластените државни ревизори и обвинителите кои постапуваат во предмети кои произлегуваат од констатираните состојби и утврдени неправилности во конечните ревизорски извештаи.