Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице, на возраст од 20 години, поради основано сомнение дека сторило кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот, во својот дом во Арачиново, неовластено заради продажба држел марихуана со нето маса од 1007,8 грама, скриена во плакар во подрумската просторија. Дрогата била пронајдена и одземена при претрес во домот на 23 февруари.
Поради опасност осомничениот да се крие или да се даде во бегство, но и можност да го повтори делото, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ќе достави Предлог за определување мерка притвор.