Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против двајца браќа, од кои за едниот постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Тешка телесна повреда од член 131 став 3 од Кривичниот законик, додека другиот е осомничен за помагање при извршување на истото кривично дело.
Првоосомничениот, помогнат од второосомничениот, на 23.03.2019 година, во кафе бар во селото Марино, со умисла тешко телесно повредиле едно лице, при што му уништиле важни органи и му го загрозиле животот. Имено, кога оштетениот пристигнал во кафе барот со негов пријател, бил пресретнат најпрво од второосомничениот, кој се удрил со рамото во него, а потоа со бокс го удрил во пределот на лицето. Во тој момент дошло лице од обезбедувањето на локалот кое ги раздвоило. Но, нешто подоцна пред влезот на дискотеката оштетениот повторно бил пресретнат од двајцата осомничени. Второосомничениот го фатил за гуша, а од неговата лева страна дошол првоосомничениот и го забодел со нож во пределот на левиот долен дел од стомакот. По ова, осомничените го напуштиле местото на настанот.
Бидејќи постојат околности што укажуваат дека постои опасност од бегство и постојат особени околности кои укажуваат дека осомничените би можеле да влијаат на сведоците и кои го оправдуваат стравот дека би можеле да го повторат кривичното дело, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави и Предлог за определување мерка притвор за двете осомничени лица.