Соопштенија

Две лица обвинети дека сториле повеќе кривични дела при обид илегално да препродадат 180 килограми марихуана

По спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе обвинение против две лица за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Како соизвршители, двајцата обвинети, 23-годишник од Струга и 41-годишник од Кичево, неовластено заради продажба држеле 179,888 килограми марихуана. На 20 март, дрогата спакувана во 7 торбици со вкупно 180 пакувања ја сместиле во патнички автомобил и ја пренеле до бензинска пумпа во Росоман. Второобвинетиот останал да чека во угостителскиот објект на бензинската пумпа, да внимава и да известува дали има полициски патроли, а првообвинетиот заминал во селото Манастирец со намера да изврши продажба на дрогата. Притоа, биле откриени и фатени од полициски службеници.

При претресот, кај второобвинетиот било пронајдено полуавтоматско огнено оружје – пиштол марка „Парабелум“ со калибар 9мм Para и 10 куршуми за тој пиштол. Истовремено, пред полициските службеници тој се претставил како полициски инспектор и им прикажал преправена јавна исправа – фалсификувана полициска службена легитимација на туѓо име и со негова фотографија. Од овие причини против ова лице е поднесено обвинение и за кривичните дела – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 1, како и Фалсификување исправа од член 378 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Првообвинетиот, пак, на кого јасно и недвосмислено му биле дадени светлосни и звучни наредби од полициските службеници да застане со возилото во кое ја пренесувал дрогата, не ги почитувал наредбите, продолжил да се движи со намера да ги спречи во извршувањето на службените дејствија и да побегне, па удрил и оштетил три полициски службени автомобили и значително го загрозил животот и телото на повеќе полициски службеници во и околу возилата. Од тие причини, ова лице обвинителството го гони и за кривично дело – Спречување службено лице во вршење на службено дејствие од член 382 став 3 во врска со став 1 во врска со член 19 (обид) од Кривичниот законик.

Надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Кавадарци поднесе и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за двајцата обвинети. На опасноста да испланираат бегство и да влијаат врз сведоците укажува добиеното известување дека само неколку дена по лишувањето од слобода, кај еден од обвинетите, при претрес во Затворот Гевгелија каде ја издржува мерката притвор, бил пронајден телефонски апарат.