Соопштенија

Две лица осомничени дека сториле повеќе кривични дела при обид илегално да препродадат поголемо количество марихуана

Основното јавно обвинителство Кавадарци донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица, на возраст од 23 и 41 година. За првиот, жител на струшкото село Ливада, постои основано сомнение дека сторил кривични дела – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 во врска со член 22, како и Предизвикување општа опасност од член 288 став 1 од Кривичниот законик. Вториот, жител на кичевско Зајас, е осомничен дека ги сторил кривични дела – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 во врска со член 22, Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи согласно член 396 став 1, како и Фалсификување исправа од член 378 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Имено, во текот на месецов двајцата заедно неовластено набавиле наркотична дрога – марихуана со вкупна нето маса од околу 180 килограми, спакувана во 7 торби во кои имало 180 најлонски пакувања. Дрогата наменета за продажба неовластено ја држеле на неутврдено место, па на 20 март, со автомобил со струшки регистарски ознаки ја пренеле од Скопје во селото Манастирец, Росоман каде биле откриени од полициски службеници.

Откако полицајците му дале јасни и недвосмислени светлосни и звучни знаци да застане со автомобилот, првиот осомничен не ја почитувал наредбата и продолжил да се движи, оштетил три службени возила на МВР и значително го загрозил животот на полициските службеници кои ги издавале наредбите за застанување.

Вториот осомничен, пак, без дозвола набавил и кај себе држел огнено оружје – пиштол марка „Парабелум“ со калибар од 9 мм, како и рамка со 10 куршуми за тој пиштол.

Исто така, вториот осомничен преправил вистинска јавна исправа – полициска службена легитимација на друго име, на која ставил своја фотографија со намера да ја прикаже како вистинска. На критичниот ден, на полициските службеници кои ги запреле тој лажно им се претставил како полициски инспектор, при што ја употребил фалсификуваната службена легитимација.

Поради опасност од бегство, можност да влијаат врз постапката и да го повторат делото, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Кавадарци достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.