Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица, осомничени дека вчера извршиле кривично дело – Разбојништво од член 237 став 1 во врска со член 22 (соизвршителство) од Кривичниот законик.
Лицата на возраст од 23 и 22 години, по претходен договор, заедно влегле во објект на заложната куќа „Астра кредити“, на улица „Лондонска“ во Скопје, и со закана кон еден вработен дека непосредно ќе нападнат врз неговиот живот, одзеле парични средства. Едниот осомничен, држејќи пиштол марка „Pietro Bereta“ во раката, побарал од оштетениот да го отвори сефот и да ги извади парите. Оштетениот постапил по ваквата наредба, го отворил сефот и му дал 120.000 денари. По ова, вториот осомничен самиот се приближил до сефот и го зел остатокот од 180.000 денари кои се наоѓале внатре. Двајцата осомничени потоа го напуштиле местото со мотор кој бил паркиран во близина на заложната куќа.
Надлежниот јавен обвинител ценеше дека се исполнети законските основи, па до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави Предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.