Соопштенија

Еден обвинет за пронајдени дрога, оружје и муниција во гаража во Сингелиќ

По спроведена истражна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против 27 – годишен жител на с.Сингелиќ, кој се товари дека во соизвршителство ги сторил кривичните дела  – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 во врска со член 22 и Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 2 во врска со став 1 и во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Обвинетиот заедно со неговиот брат, кој е недостапен на органите на прогонот и за кого на 30.12.2020 година беше поведена истражна постапка, во помошна просторија – гаража во семејната куќа, во вградени специјални бункери во бетонскиот носач, неовластено држеле вкупно  6.451,27 грама хероин, како и 915 грама кокаин. Дрогата била спакувана во различни пакувања и полиетиленски ќеси. При претресот, во бункерот било пронајдено и оружје и муниција од поголемо количество и тоа вкупно 235 куршуми во различен калибар, еден пиштол марка HS  со една рамка со 16 куршуми, како и еден револвер марка Магнум 357 со рамка со шест куршуми.

Бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство и можност обвинетиот да го повтори кривичното дело, јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и посебен предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор.​