Соопштенија

Еден осомничен за убиство, обид за убиство и недозволено поседување оружје

По поднесенa кривична пријава од Министерството за внатрешни работи против едно лице, Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против осомничениот за кривично дело – Убиство по член 123 став 2 во врска со став 1 точка 4, кривично дело – Убиство по член 123 во врска со член 19 (во обид) и кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи од член 396 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

На 20 август, со пиштол марка „ГЛОК“ со калибар 9 милиметри, што го поседувал без дозвола, осомничениот на паркинг просторот на улицата „Филип Втори Македонски“ во Скопје, позади ТЦ „Мавровка“, со умисла и од користољубие лишил од живот едно лице, по што од сопругата на жртвата одзел торба со лаптоп и избегал со автомобил „Ауди“ без ргистарски ознаки. На местото пристигнало и второ возило „Цитроен“ со белгиски регистарски ознаки, од кое излегло засега непознато лице и од багажникот на автомобилот на жртвата одзело гајба со рачен алат и исто така се оддалечило.  Автомобилот „Цитроен“ вториот осомничен го оставил во Гази Баба и се качил во автомобилот „Ауди“, по што продолжиле да се движат, но на улицата „Стојна Стефкова“ биле пресретнати од полициски службеници. Додека другото лице управувало, сега осомничениот излегол од совозачка врата и пукал, обидувајќи се да ги лиши од живот полицајците кои сакале да го запрат. Четворицата полициски службеници во самоодбрана испукале неколку предупредувачки проектили во воздух со службеното оружје, па го совладале и привеле осомничениот. Другото лице се дало во бегство и по него се трага.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.