Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице за кривично дело – Разбојништво од член 237 став 1 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик.
Обвинетиот 40-годишен скопјанец, на 16.02.2019 година, на булеварот „Крсте Петков Мисирков“, со употреба на сила се обидел да одземе туѓ подвижен предмет – мобилен телефон Ајфон С6 во вредност од 40.000 денари. Обвинетиот се приближил на оштетената и започнал со тупаници да ја удира по главата и да ја турка. Кога оштетената паднала нанапред кон земјата, тој започнал да и го влече мобилниот телефон од раката. Откако не успеал во намерата да и го одземе, продолжил да ја удира и да ја влече за чантата. Оштетената, исплашена за својот живот, започнала да го удира со нозете и гласно да вика, барајќи помош. По ова, обвинетиот избегал.
Ценејќи дека и натаму се исполнети законските основи, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд достави и Посебен предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетото лице.