Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице поради постоење основано сомнение дека сторило кривично дело – Убиство од член 123 став 1 од Кривичниот законик.
Како што укажуваат досега прибавените докази во постапката, осомничениот, на 28.12.2018 година, на улица „Шарпланинска“ во Скопје со умисла лишил од живот едно лице. Имено, тој ја зел ловечката пушка од куќата на неговиот дедо и го повикал оштетениот да се најдат на одредената локација за да му врати позајмени пари. Кога оштетениот пристигнал со неговото возило, осомничениот му рекол дека парите ги носи со себе, но дека се во валута евро и дека ќе мора да ги заменат. Притоа на кратко излегол од автомобилот на оштетениот, оставајќи ја намерно отворена вратата на совозачкото седиште, по што ја зел претходно скриената ловечка пушка и испукал еден патрон кон главата на оштетениот. Тој се обидел да ја отвори возачката врата и да избега, но осомничениот испукал уште еден патрон кон неговиот грб, нанесувајќи му тешка телесна повреда која предизвикала смртен исход.
Со оглед на тоа што постојат околности кои укажуваат на опасност осомничениот да се даде во бегство, надлежен јавен обвинител до судија на претходна постапка достави и Предлог за определување мерка притвор на осомниченото лице. Судијата го прифати ваквиот предлог и на лицето му определи мерка притвор во траење од 30 дена.